Долгогодишниот дописник на Дојче веле во Турција, Алиџан Улудаг, е уапсен во Анкара на 19 февруари. Вечерта тој бил префрлен во седиштето на провинциската полиција во Истанбул и се очекува денеска да биде изведен пред истражен судија.
Според информациите, околу триесет полицајци го уапсиле Улудаг пред неговото семејство. Неговиот дом бил претресен, а одземена е и ИТ опрема.
Обвинувањата против него се однесуваат на „ширење погрешни информации“, „навреда на претседателот“ и „навреда на турската нација, државата и институциите“. Тие се поврзани со објава на платформата X од пред една и пол година, во која Улудаг критички се осврнува на постапките на турската влада во случаи поврзани со сомневање за тероризам, односно ослободување на можни терористи на ИСИС, и укажува на можни случаи на корупција.
Како судски репортер, тој долги години известува за прекршувања на човекови права, корупција и високо профилирани судски процеси.


