Делчево: Населбата СРЦ добива комплетна инфраструктура

0
100

Интензивно се гради инфраструктура во населбата СРЦ, со што оваа градска зона конечно добива современи услови за живот и одржлив урбан развој. Населбата, која со години беше запоставена, а според својата атрактивна локација и новите градби има потенцијал да стане вистински украс на градот, сега ја добива целокупната потребна подземна и сообраќајна инфраструктура.
Деновиве започна изградбата на водоводна, атмосферска и фекална канализациона мрежа. Атмосферската канализација се гради во должина од 538 метри, фекалната изнесува 165 метри, додека водоводната мрежа е во должина од 304 метри.
По завршување на подземните инсталации, ќе следи изградба на три нови улици – улица 5, улица 6 и улица 8, со вкупна должина од 400 метри, со што ќе се обезбеди целосно уреден и функционален пристап до новоизградените објекти.
Вкупната вредност на проектот изнесува 10.204.477 денари, средства обезбедени од Владата преку Министерството за транспорт и врски, а изведувач на работите е ДПТУ ОСД Кирил ДООЕЛ експорт-импорт Штип.
Изградбата на инфраструктурата во населбите во Делчево останува стратешки приоритет на локалната самоуправа, како основа за рамномерен урбан развој и подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.