Општина Виница и оваа година ќе ја организира традиционалната манифестација „Тодорови трки“, која годинава се одржува во знакот на значаен јубилеј – 100 години од првото одржување на трките.
Градоначалникот Митко Костадиновски информира дека покрај традиционалните дисциплини, годинава како новина се воведува и маратонска трка на 5 километри, со што манифестацијата добива дополнителна спортска димензија и можност за поширока вклученост на граѓаните.
„Тодорови трки“ со децении претставуваат препознатлив белег на Виница – симбол на одржувањето на спортскиот дух и почитување на традицијата. Низ годините, настанот прерасна во повеќе од спортска манифестација, станувајќи дел од локалниот идентитет и културно наследство што се пренесува од генерација на генерација, истакна градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски.
Од Општината упатија повик до граѓаните во што поголем број да бидат дел од јубилејното издание и заеднички да се одбележи овој значаен историски момент за градот.
Настанот ќе се одржи на 28. Февруари 2026 година, со почеток од 11:00 часот, на Градскиот стадион во Виница.


