Обилен снег ја парализира Србија

0
87

Снегот што ја зафати Србија предизвика сериозни проблеми во сообраќајот во повеќе региони. На одредени делници има судири, заглавени камиони, паднати дрвја и одрони, додека видливоста е значително намалена. Во текот на ноќта наврнале околу 20 сантиметри снег на подрачјето на Чајетина, Ужице и Бајина Башта во Србија, а сите расположливи екипи се на терен и работат на расчистување на патиштата според приоритети, објави „Србијан тајмс“.

Поради снежните врнежи, сообраќајот се одвива отежнато, па на возачите им се советува зголемена внимателност. Снегот, кој непрекинато паѓа цела ноќ и утрото, веќе им зададе големи проблеми на возачите во Западна Србија. На Ибарската магистрала кон Златибор има снежна покривка на коловозот до 5 сантиметри, а маглата дополнително го отежнува возењето. Поради забавеното движење, веќе се создадоа големи колони.
Преку Кадињача, на патот Ужице–Бајина Башта, има набиен снег на коловозот, како и паднати дрвја, поради што сообраќајот е запрен.
На патот Перуќац – Митровац на Тара, поради тежината на влажниот снег има паднати дрвја на коловозот, додека на делницата Пожега – Косјериќ, покрај снегот, има и одрони.
Во Ужице исто така има снег, но сите улици во центарот се проодни.
На патниот правец меѓу Бешеново и Беочин, во текот на ноќта се водела вистинска борба со снегот и со лизгавиот коловоз.
Како што информира службата за помош на пат, од снежните наноси и од расквасениот коловоз биле извлечени пет камиона, додека на истата делница заглавени останале уште приближно толку камиони.