Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево го напуштија центарот на Атина, откако ноќта ја поминаа паркирани на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера продефилираа низ централните улици на грчката метропола, каде што беа поздравени од граѓани и минувачи. Протестот заврши мирно, а земјоделци од различни делови на земјата ги изнесоа своите ставови и барања поврзани со проблемите во примарниот сектор. Претседателот на Федерацијата на земјоделски здруженија од Лариса, Ризос Марудас, истакна дека протестот испратил јасна порака до Владата и дека борбата ќе продолжи сѐ до исполнување на барањата.


