Општина Делчево направи значаен чекор кон модернизација на здравствените услуги со воведување современа опрема за далечински мониторинг и дијагностика во ЈЗУ Здравствен дом – Делчево.
“Новата опрема овозможува во реално време да се следат крвен притисок, сатурација, пулс, дишење и електролитен статус, додека здравствените работници ги мониторираат податоците преку компјутер или таблет. Системот овозможува истовремено следење на двајца пациенти, што ќе придонесе за побрза и поефикасна медицинска интервенција”, истакна директорката на ЈЗУ Здравствен дом-Билјана Ѓеорѓиевска.
Проектот, вреден 30.000 евра, е реализиран со донација од Австриската агенција за развој, со поддршка на НАЛАС и КДЗ, и претставува пример за современи и хумани решенија во здравството.
Градоначалникот Гоцевски при посетата истакна дека станува збор за проект кој директно го подобрува квалитетот на живот, особено на повозрасните и хронично болните лица од руралните средини.


