Научниците долго време сметаа дека астмата е предизвикана главно од воспаление во белите дробови, кое го создаваат молекули наречени леукотриени. Ново истражување, сепак, укажува дека вистинските „виновници“ можеби се други молекули – т.н. псевдо-леукотриени.
Истражувачи од Универзитетот „Кејс Вестерн Ризерв“ откриле дека овие молекули се создаваат преку дејство на слободни радикали, а не преку ензимски процеси како класичните леукотриени. Псевдо-леукотриените предизвикуваат воспаление и стеснување на дишните патишта, слично како леукотриените, но на поинаков начин.
Анализата на примероци од урина покажала дека лицата со астма имаат 4 до 5 пати повисоки нивоа на псевдо-леукотриени во споредба со здрави лица, при што нивото се зголемува со тежината на болеста. Ова отвора можност тие да се користат како биомаркер за следење на астмата.
Научниците сметаат дека идните терапии би можеле да се насочат кон намалување на дејството на слободните радикали, наместо само блокирање на рецепторите, што може да доведе до попрецизно и поефикасно лекување. Откритието може да има значење и за други воспалителни и невролошки болести.


