Лажен струмички лекар „ќарил“ 15.000 евра од стари лица

0
44

38-годишен жител на Струмица е лишен од слобода, осомничен за серија измами преку телефонски повици, при кои се претставувал како лекар. Полицијата кај него пронашла 15.150 евра и 50 швајцарски франци, средства за кои утврдила дека потекнуваат од кривични дела.
Случаите се случиле на 06. и 07. февруари 2025 година, при што оштетени биле 84-годишна и 68-годишна жена, а во трет случај обид за измама бил насочен кон 77-годишна жена. Во сите случаи, осомничениот, со сценарио дека нивните блиски доживеале сообраќајна несреќа и итно им е потребна операција, ги убедувал жртвите да му предадат пари.
Парите биле преземани лично од осомничениот, на локации што му ги диктирало лице со кое бил во телефонска комуникација. Во службен разговор тој признал како ги извршил кривичните дела.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Струмица е запознаен со случајот, а по целосно документирање ќе следува кривична пријава.
Од СВР Струмица апелираат до граѓаните да бидат внимателни при телефонски повици од непознати лица, да не наседнуваат на вакви измами, да проверуваат информации и никогаш да не даваат пари на непознати. Секој сомнителен случај треба веднаш да се пријави.