Делчево добива скејт-парк – нова атракција за младите и туристите

0
48

Општина Делчево започна со реализација на уште еден значаен проект, со кој се проширува туристичката и рекреативната понуда на градот. Станува збор за изградба на нов скејт-парк, наменет пред сѐ за младите, но и за сите посетители кои ќе можат активно да го користат просторот за рекреација и забава.
Проектот претставува дел од пошироката стратегија за развој на современи јавни содржини и унапредување на квалитетот на живот во општината. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 3.029.387 денари, а средствата се обезбедени преку ЕУ ИПА програмата.
Изградбата на скејт-паркот е дел од еден од петте проекти што се реализираат во рамки на прекуграничната соработка помеѓу Општина Делчево и Општина Благоевград од Република Бугарија. Двете општини се долгогодишни партнери и досега успешно имаат реализирано четири заеднички проекти финансирани од претпристапната помош на Европската Унија, додека во моментов е во тек реализацијата на петтиот проект со вкупна вредност од околу 1 милион евра европски средства.
Од Општина Делчево информираат дека средствата обезбедени преку оваа соработка ќе бидат инвестирани во инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на условите за живот и развој на пограничниот регион, со посебен акцент на младите, туризмот и рекреацијата.