Царинска управа: Во 2025 поднесени 213 кривични пријави за економски и организиран криминал

0
54

Во 2025 година, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе вкупно 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица до ОЈО И ОГОКК .
Во 196 случаи е утврдена штета врз Буџетот од околу 102 милиони денари.
Бројот на поднесени пријави е повеќе од двојно зголемен во споредба со 2024 година, кога беа поднесени 91 кривични пријави, при што 80% од нив беа евидентирани во последните три месеци од годината.
Најмногу пријави се однесуваат на фалсификување исправа (85), царинска измама (39), криумчарење (40), неовластено производство и промет на наркотични дроги (7) и недозволено тргување со оружје (7). Дополнително, поднесени се пријави за злоупотреба на службена положба, избегнување плаќање акциза и вршење меѓународен јавен превоз без лиценца. Од пријавените кривични дела, 103 се поврзани со 232 возила.
Во текот на предистражните дејствија, службата за економски криминал испрати 450 барања до странски институции, при што во 223 случаи доказите беа невалидни. Исто така, извршени се 71 проверка на увозни фактури.
Службата за финансиски истраги отвори 15 истраги против 19 физички и 9 правни лица, со цел да се детектира и конфискува нелегално стекнат имот и да се дестабилизираат криминалните групи, соопштуваат од Царинска управа на Македонија.