Независниот полициски синдикат утре во Битола на протестен марш: За закани за тепање и убивање на полицајци се оди во притвор

0
50

Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола ќе одржи мирен марш со цел да се побара доследно и еднакво спроведување на законот за сите сторители на кривични дела, без селективен пристап. Маршот ќе започне во 11 часот пред Основното јавно обвинителство Битола, од каде учесниците ќе маршираат кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
Од НСП истакнуваат дека маршот е реакција на последните јавни закани упатени кон полицајци, кои повторно отворија прашања за двојни аршини во работењето на институциите. „Нашата цел е да се актуелизира потребата од владеење на правото, каде законот важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, велат од синдикатот.
Меѓу барањата кои ќе бидат истакнати на маршот се: еднаков третман пред законот за сите сторители на кривични дела, крај на селективната правда и определување притвор за сторителите на закани, како и измени во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, со враќање на поголемата глоба за омаловажување на државни органи и полициски службеници.
НСП веќе поднел кривична пријава против две лица кои упатиле сериозни закани по животот на полицајци, а двете лица јавно се извиниле со објаснување дека биле под стрес.
Целта на маршот е и враќање на достоинството на полицијата, истакнуваат од синдикатот.