Бројот на загинати мигранти по трагичниот судир меѓу гумен глисер и патролен чамец на Крајбрежната служба на Грција во морскиот дел кај Хиос се искачи на 15 лица, додека 24 мигранти се повредени, меѓу нив 11 деца.
Повредени се и двајца припадници на крајбрежната служба. Потрагата по евентуално исчезнати лица продолжува и денеска.
Како што соопшти грчката крајбрежна служба, нивниот патролен брод синоќа, за време на редовна контрола, забележал гумен глисер со мигранти кој пловел без навигациски светла кон источниот брег на Хиос, во морската област Мирсиниди. И покрај светлосните и звучните сигнали од патролниот брод, глисерот не запрел, туку нагло ја сменил насоката, по што дошло до силен судир со десната страна на службениот брод.
Од ударот, глисерот се превртел и потонал, а сите патници паднале во морето. Веднаш била активирана масовна операција за пребарување и спасување во која учествувале четири патролни брода на крајбрежната служба, приватен чамец со нуркачи и два хеликоптери на воената морнарица.


