Врз куќата на Здравко Чолиќ во Дедиње, Белград, синоќа е фрлена бомба. Според првичните информации, нема повредени, но е причинета голема материјална штета, пишува српски Телеграф.
Соседите велат дека слушнале „страшна детонација“ што ги вознемирила, а во тој момент пејачот, неговата сопруга Сандра и ќерката Лара биле во куќата. Тие спиеле во моментот на детонацијата, а според изворот ги разбудил ужасен звук.
Полициските сили, веднаш по приемот на пријавата, ги блокирале приодите кон зградата, а на лице место се спроведува истрага од страна на припадници на Министерството за внатрешни работи и дежурниот обвинител во Вишото јавно обвинителство во Белград. Форензичарите собираат докази и проверуваат снимки од околните камери за надзор со цел да го идентификуваат напаѓачот, пишува порталот.
Досега, истрагата покажа дека имало голема материјална штета – фасадата била оштетена, а шрапнели биле расфрлани и на местото каде што биле паркирани возилата. Според неофицијалните информации што ги даде порталот, уништени се неколку луксузни автомобили преку улицата.
Чолиќ и неговото семејство се преселиле во оваа вила пред година и пол, кога го продал имотот во Коштуњак.


