Кога конечно ќе почнете да се чувствувате подобро по болест, последното што го очекувате е проблем со слухот. Сепак, кај одредени луѓе, токму лековите што помагаат во лекувањето можат да предизвикаат несакани ефекти како губење на слухот или постојано зуење во ушите.
Овој феномен е познат како ототоксичност – состојба која може да има и трајни последици.
Што е ототоксичност?- Ототоксичноста претставува оштетување на внатрешното уво предизвикано од несакани дејства на одредени лекови. Терминот доаѓа од „ото“ (уво) и „токсичност“ (труење).
Последиците може да вклучуваат: намален слух, зуење во ушите (тинитус), проблеми со рамнотежата.
Според специјалисти за уво, нос и грло, овие промени во многу случаи можат да бидат трајни, поради што е важно навреме да се препознае ризикот.
Лекови поврзани со оштетување на слухот
макролидни антибиотици (азитромицин, кларитромицин), особено при долготрајна употреба
аспирин и други салицилати во високи дози
хемотерапевтици како цисплатин и карбоплатин
петлични диуретици (на пр. фуросемид), кои се користат кај срцева и бубрежна слабост
биолошки лекови, вклучувајќи имунотерапија и генска терапија
Загриженост предизвикува сè почестата употреба на биолошки терапии, бидејќи сè повеќе се забележува нивно потенцијално штетно влијание врз слухот.
Кој е во поголем ризик?
Ризикот од ототоксичност зависи од: дозата на лекот, времетраењето на терапијата, комбинирањето повеќе ототоксични лекови
На пример, истовремена употреба на цисплатин и фуросемид значително го зголемува ризикот од сериозно оштетување на слухот.
Како настанува оштетувањето?
Симптомите обично се појавуваат брзо, за време или веднаш по терапијата. Овие лекови ги оштетуваат чувствителните клетки во внатрешното уво кои ги претвораат звуците во сигнали за мозокот, а некои можат да го нарушат и системот за рамнотежа.
Што да направите ако забележите симптоми?
Ако почувствувате промени во слухот или зуење во ушите:
не прекинувајте самоволно со лекот, веднаш консултирајте се со лекар, прашајте за можност за промена на дозата или терапијата
Најважно е редовно следење на слухот – пред, за време и по завршување на терапијата, особено ако лекот е познат како потенцијално ототоксичен.
Со навремена реакција, можно е да се намалат или спречат трајни оштетувања.


