Тоше Проески ги поседува сите карактеристики да биде определен како историска личност во македонската културна историја, вели проф. д-р Билјана Ристовска Јосифовска, раководителка на Одделението за културна историја во Институтот за национална историја на Македонија, во интервју за Рацин.мк.
Според Ристовска Јосифовска, најважно е што Проески оставил трајно наследство во музиката, а истовремено бил масовно прифатен од народот и станал дел од колективната меморија. „Него го проучуваат и научно. Се пишуваат магистерски и дипломски трудови за него“, додава историчарката.
Како дел од меморизирањето на неговиот лик и дело, Ристовска Јосифовска посочува дека постојат бројни места на сеќавање: фонтани во Прилеп и Скопје, статуа во Лисиче и на мостот во центарот на Скопје. „Гробот на Тоше е вистински музеј на отворено. Таму се оставени пораки од целиот Балкан и пошироко“, истакнува таа.
Историчарката нагласува дека сето тоа ја потврдува неговата значајност и место меѓу историските ликови во културната историја на Македонија, иако, за жал, починал прерано.


