Безбедносни камери во здравствена установа во Кахраманмараш- Турција ја разоткрија една од најшокантните злоупотреби во здравствениот систем. Според обвиненијата, медицинска сестра извршила насилство врз новороденче старо само 5 дена, поради што детето Дениз Есин Бозоклар денес, на 5-годишна возраст, живее со траен телесен и ментален инвалидитет.
На снимките, кои излегоа во јавност по неколку години, наводно се гледа како медицинската сестра Хазел Дирик Б. повеќепати удира по главата на бебето и ја стега нејзината нога, по што екстремитетот останал неподвижен. Последиците од овој чин биле трајни и непоправливи.
Против медицинската сестра се води судска постапка, а обвинението предвидува затворска казна до три години. Адвокатот на семејството, Саит Болат, нагласи дека случајот не смее да се третира како обично физичко насилство.
„Ова не е обичен напад. Ова е суровост, измачување и злосторство врз беспомошно новороденче“, изјави тој.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за безбедноста на децата, контролата во здравствените установи и одговорноста на медицинскиот кадар. Семејството со години ја бара вистината и правдата, која, како што велат, пристигнала предоцна – откако животот на нивното дете бил засекогаш променет, пренесува Улке.тв.


