Српската полиција со сила ги исфрли студентите и вработените од Филозофскиот факултет во Нови Сад

0
86

Неколку стотици припадници на српската полиција, жандармеријата и интервентните единици, опремени за разбивање демонстрации, во средата навечер со сила ги исфрлија студентите и вработените од зградата на Филозофскиот факултет во Нови Сад, која беше блокирана поради отпуштањето на професорката Јелена Клеут, објавија новосадските медиуми. Студентите соопштија дека полицијата употребила груба сила за да ги избрка од зградата, удирајќи ги собраните со штитови и со тупаници, при што има и повредени. Според нив, меѓу насилно оттурнатите била и самата професорка Клеут. Протестот на студентите започнал напладне, откако било објавено дека Сенатот на Универзитетот во Нови Сад одбил да ја избере Јелена Клеут во звање редовна професорка, поради што, со истекот на договорот, ѝ престанал работниот однос. Клеут предавала на Одделот за медиумски студии, била активна во академската заедница и се истакнувала со поддршката на студентите и нивните протести.
Одлуката на Сенатот предизвикала силни реакции кај студентите и дел од наставниот кадар, кои го блокирале Филозофскиот факултет, барајќи професорката да биде вратена на работа. На управата на факултетот ѝ бил даден рок до 14 часот да ја напушти зградата, а студентите во меѓувреме започнале да внесуваат душеци, перници и други потреби за подолг престој.