Моментално се наоѓаме во период од годината кога надвор е многу студено, а во затворени простории најчесто е топло или дури и претопло.
На лицата кои страдаат од болки во мускулите и зглобовите, студеното време никако не им годи, а наглите премини од топла просторија на студено и кај здрави лица можат да предизвикаат бројни непријатности.
Имено, на студ мускулите се стегаат и стануваат помалку еластични, поради што се зголемува ризикот од мускулна напнатост и повреди. Затоа нашите реуматолози им даваат совети на пациентите кои имаат поизразени болки во зимскиот период – како да се однесуваат и да ги променат секојдневните навики, со цел критичниот период да го поминат што е можно побезболно.
Во текот на зимата е потешко да се придржуваме до здрави навики, како поради недостатокот на свежо овошје и зеленчук, така и поради недостигот од волја за вежбање и движење поради студот. Така, дури и најдисциплинираните попуштаат и не одолеваат на предизвиците на богатите празнични трпези.
Секако, не треба да се воздржувате целосно, но бидете умерени. Во продолжение ќе наведеме некои од придобивките од урамнотежената исхрана и умереното движење.
1. Урамнотежена исхрана
Избалансираната исхрана придонесува за целиот организам, па и за нашите зглобови кои се на тест уште при првата поледица. Сега, особено за време на празниците, ограничете го внесот на месо и сувомеснати производи, како и количината на слатки, бидејќи сето тоа ги поттикнува воспалителните процеси во зглобовите. Наместо тоа, избирајте витамин Е и омега-3 масни киселини од риба, соино масло и масло од репка, јаткасти плодови и сл. Свежото овошје и зеленчук секако ќе придонесат за отпорноста на целиот организам, па и за состојбата на зглобовите и мускулите.
2. Движење
Она што никако не се препорачува е целосно да престанете да се движите од страв од болка, бидејќи на тој начин зглобната ’рскавица останува без важни хранливи материи. Како и кај исхраната, и движењата треба да бидат избалансирани и уедначени, со лесно движење за да се избегне оптоварување и нагли трзаи. Важно е да се знае дека производството на синовијална течност, која ги подмачкува зглобовите, се поттикнува токму со прошетка. Меѓутоа, доколку се појават акутни и посилни болки, се препорачува мирување, а доколку болките траат повеќе денови, потребно е да се обратите кај лекар, бидејќи успешното санирање на проблемот секогаш е поизвесно во почетната фаза. За да им помогнете на мускулите и зглобовите на подолг рок, потребна е континуирана физичка активност која треба да биде дозирана и насочена, во согласност со состојбата на вашиот организам во целина.


