Над 100 возила, меѓу кои и повеќе од 30 товарни камиони, учествуваа во огромен верижен судир на автопатот И-196 во американската сојузна држава Мичиген. Несреќата се случила поради мраз и густ снег, кои значително ја намалиле видливоста и ја отежнале контролата врз возилата.
Според надлежните, во инцидентот нема загинати, но неколку лица се здобиле со повреди и им била укажана медицинска помош. Полицијата привремено ги затвори двата правци на автопатот, додека екипите работеле на расчистување на возилата и нормализирање на сообраќајот.
Очевидци изјавиле дека снегот паѓал интензивно и дека сообраќајот се одвивал бавно. „Беше страшно да се слушне тресокот и звуците зад мене. Го видов она што беше пред мене, но не можев да видам што се случува зад“, изјавил еден од возачите.
Националната метеоролошка служба на САД издаде предупредување за екстремно ниски температури и можни зимски бури во повеќе држави, меѓу кои Минесота, Висконсин, Индијана, Охајо, Пенсилванија и Њујорк. Властите апелираат на зголемена внимателност и избегнување непотребни патувања во услови на лошо време, пренесува Плусинфо.мк.


