Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици, кој се одбележува уште од вториот век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител. Празникот се карактеризира со големиот водосвет и традиционалното положување на Чесниот крст во осветените води.
Во Скопје, МПЦ-ОА го организира осветувањето на водите на реката Вардар, каде околу 160 пријавени граѓани ќе се обидат да го фатат крстот. Централната богослужба започнува во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, по што ќе следи литија и спуштање на крстот во Вардар.
Свечено одбележување ќе има и во Охрид, каде крстот ќе биде положен во водите на Охридското Езеро, а водосветот првпат ќе го изврши новиот митрополит Дебарско-кичевски, г. Георгиј.
Во Штип 110 пријавени граѓани ќе скокаат по Чесниот Крст. 80 кандидати се пријавени за пунктот на Камениот мост во населбата Осми Ноември, положувањето на Чесниот крст овде ќе се изврши во 11.00 часот и 30 на мостот во Ново Село со почеток во 10.оо часот.
Богојавление – Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.


