Батинци под полициска опсада: Потера по член на кланот Беланоца осомничен за убиство на офицер на АРМ

0
69

На повеќе локации во скопскиот регион, меѓу кои и селото Батинци, синоќа и денеска се спроведува интензивна полициска акција за пронаоѓање и апсење на лице осомничено за извршување тешки кривични дела, потврдија од Министерството за внатрешни работи.
Како што информираат од МВР, по претходно добиени оперативни сознанија, надлежни полициски служби делувале на подрачјето на Скопје со цел лишување од слобода на лице по кое е распишана национална и меѓународна потерница.
„Активностите на терен продолжуваат со засилено присуство на полициски тимови, со цел пронаоѓање и апсење на лицето од висок безбедносен интерес“, соопштија од МВР.
Според информации на телевизија Телма, станува збор за Џавит Муса, припадник на криминалниот клан Беланоца, кој е во бегство и е осомничен за две убиства. Последното, според истрагата, било извршено во јули минатата година, кога во Батинци бил усмртен офицер на Армијата на Република Македонија.
Како што се наведува, мотивот за убиството бил личен конфликт и несогласување, поврзано со обид осомничениот насилно да ја принуди ќерката на убиениот на брак. Осомничениот и претходно бил поврзуван со друго убиство.
Полициската потера продолжува, а безбедносните служби апелираат до граѓаните да не се приближуваат до локациите каде што се одвива акцијата и да пријават доколку имаат какви било информации.