Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не сака известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, ниту словенечкиот европратеник Владимир Пребилиќ да му бидат соговорници, оценувајќи дека делегацијата која доаѓа во Белград „не покажала основно почитување“ кон земјата домаќин. Вучиќ порача дека не бил консултиран за датумите и дека посетата била закажана без да се побара согласност, па затоа неговата обврска е „да не дозволи Србија да биде понижена“. Слична позиција јавно соопшти и претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ, која најави дека нема да ги прими европратениците, нагласувајќи дека не биле направени консултации за терминот.


