Нова авиолинија меѓу Охрид и Братислава, како и унапредување на економските и трговски односи меѓу Северна Македонија и Словачка, беа главните теми на средбата меѓу заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид–Братислава, која ќе започне со редовни летови од март преку авиокомпанијата „Визер“, ќе ја подобри поврзаноста меѓу двете земји и ќе придонесе за развој на туризмот и бизнис секторот.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развојот на авиосообраќајот, а новата линија ќе ги приближи економските врски меѓу Северна Македонија и Словачка.


