Министерството за здравство ги повикува лекарите во дијаспората на соработка

0
75

Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на Министерството е активиран електронски модул наменет за лекари кои моментално работат или специјализираат во странство и сакаат да соработуваат со македонскиот здравствен систем.
Овој модул е дел од напорите за дигитализација на здравството и претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората. Целта е полесно да се мапираат профили и експертизи кои може да придонесат преку обуки, едукации, менторство, консултации, проектна поддршка и други стручни ангажмани.
Министерот за здравство, Азир Алиу, ги повикува сите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари на специјализација или супспецијализација, како и оние ангажирани во академски и научно-истражувачки институции, да се пријават.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка која одговара на нивниот профил.
Во модулот „Лекари од дијаспората“ се бараат лични и професионални податоци, области на експертиза, лиценци и сертификати, листа на публикации, како и видови на соработка за кои лекарот е заинтересиран.