Вонреден инспекциски надзор во болницата во Кавадарци по смртта на двомесечното бебе

0
65

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спровел вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, по наредба од министерот за здравство, во врска со третманот на доенчето У.М., кое почина на 14 јануари.
Поради тоа што е во тек патоанатомска обдукција, точната причина за смрт ќе биде утврдена по завршувањето на обдукцијата.
Досега утврдено е дека доенчето, старо два и пол месеци, било донесено во болницата на 12 јануари со упат од матичен лекар поради чести повраќања и поспаност. На прием било прегледано од педијатар, назначени се анализи и поставена дијагноза R11 (гадење и повраќање). Било без температура, со добра сатурација и свесно. Вклучена е инфузиона терапија и храна преку уста со адаптирано млеко на секои два часа.
На 13 јануари состојбата била стабилна и афебрилна.
На 14 јануари повторно е направена анализа на урина со уреден наод. На визита во 15:30 состојбата била стабилна, но во 20:48 часот доенчето престанало да дише. Префрлено е во соба за интервенции, но по 40 минути реанимација без успех. Како основна причина за смрт е наведена „ненадејна смрт на доенче“.
Случајот е разгледан на стручен колегиум и од Комисијата за квалитет, а ДСЗИ иницира формирање комисија за стручен надзор.