Данска го засилува военото присуство на Гренланд и најави воена вежба под името „Арктичка издржливост“, во која веднаш ќе бидат распоредени авиони, поморски средства и војници. На покана на Данска, учество потврдија Германија, Франција, Шведска и Норвешка, кои испраќаат свои војници на островот.
Одлуката доаѓа во услови на зголемени геополитички тензии и нагласени изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд. Данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен истакна дека безбедноста на Арктикот е од клучно значење и дека сојузниците ќе работат за зајакнување на присуството и способноста за дејствување во регионот.
Германија испраќа тим од 13 воени лица, Шведска офицери од своите вооружени сили, Франција веќе ги упати првите војници, а Норвешка потврди дека испраќа двајца припадници на армијата.


