По обилните врнежи во Република Северна Македонија, состојбата на теренот постепено се стабилизира. Во Пелагонискиот регион водата се повлекува од поплавените подрачја, иако сè уште има излевање на реката Црна кај некои села и затворен локален пат во Демир Хисар поради оштетен мост. Во Југозападниот регион регистрирани се поплавени дворови и подруми во Охрид и Струшко, додека во Дебар има зголемен водостој на Радика без опасност од излевање.
Во Западниот регион, особено во Кичево, водостоите се намалени и во тек е расчистување и дезинфекција на поплавените објекти, а евакуираните лица се згрижени. Во останатите региони се интервенира поради снежни наноси, одрони и паднати карпи на патиштата, при што сообраќајот на повеќето правци е нормализиран или отежнат, но под контрола. Надлежните служби и понатаму активно ја следат состојбата и преземаат мерки за заштита на населението.


