Преподобен Гаврил Светогорец – живот, подвиг и чудеса на епископот Велички

0
97

Преподобниот Гаврил Светогорец (1926–1990), епископ Велички, е една од најсветлите духовни личности на Македонската православна црква. Роден во Штип, како Мијалче Парнаџиев, тој бил учесник во НОВ, истакнат педагог, уметник и скулптор, а подоцна целосно се предал на монашки и подвижнички живот. Долги години престојувал на Света Гора, живеејќи во аскеза и молитва, а по враќањето во Македонија станал игумен на Лесновскиот манастир и подоцна епископ Велички.
Познат по својата длабока вера, смирение и човекољубие, епископот Гаврил оставил богато духовно и книжевно наследство и бил сведок на бројни чуда и исцеленија, како за време на животот, така и по упокојувањето. Неговиот подвижнички живот и духовното влијание врз многу верници го вбројуваат меѓу најпочитуваните современи духовници, а верниот народ го смета за светител и застапник пред Бога.

Чудата и исцеленијата на епископот Свети Гаврил Велички

Дента кога го хиротонисувале отец Гаврил за епископ во Лесновскиот манастир, дошле родители со дете во рацете коешто било рахитично и до својата шеста година никако не застанало на нозе. На родителите некој им кажал да го однесат детето во Лесново и отец Гаврил да им прочита молитва. Тие дошле токму на денот кога го правеле епископ. Прашале каде е отец Гаврил и еден од верниците им кажал дека денес го завладичуваат. Родителите се нажалиле, оти мислеле дека нема да можат да се видат со отец Гаврил тој ден. Кога ги видел ожалостени, еден од блиските луѓе на отец Гаврил, им рекол: „Вие стојте и помолете се за тоа што сте дошле. Бог ќе ви ги слушне молитвите. По три дена детето им проодило.(Извадок од:Житие и акатист на Светиот Гаврил Епископ Велички Светогорец)

Едно дете, по име Ѓорѓи, од некое струмичко село, не можело да зборува и неговите родители честопати го носеле кај отец Гаврил да се моли за него. Еднаш, кога до однеле кај него за време на вечерната служба, тој го однел детето во храмот и му прочитал молитви. Наредниот ден отец Гаврил служел Света Литургија и за целото време се молел за детето. Откако тоа се причестило и откако завршила Литургијата, детето ги подигнало рацете нагоре и рекло: „Мамо!” Сите присутни во храмот се израдувале и зачудиле, и му оддале слава на Бога, Кој прави чуда преку своите служители.

Преподобниот бил многу милостив и човекољубив со ближните. Еднаш, дошло некое семејство со трчање и во паника, бидејќи некоја кола го удрила нивниот син. Тогаш отец Гаврил влегол во храмот, веднаш започнал да се моли и доста време не излегол. Кога излегол им рекол: „Одете, детето ќе биде дома здраво и живо. Ама тоа е, сте работеле во недела. Внимавајте на неделата и богослужбата. Работевте ли денеска?”[2] Тогаш тие одговориле: „Работевме, работевме…” „Епа друг пат нема да работите во недела” – им одговорил отецот. Долго време немало дожд во Лесново и селаните дошле да го молат отец Гаврил да се помоли на Бога да им испрати дожд. „Дојдете, ајде сите да се молиме на Бога…” и среде молитва, за чудо и радост на сите започнало да врне дожд. Селаните започнале да му благодаратза молитвите, а отец Гаврил им се обратил скромно со зборовите: „Никогаш не ги препишувајте чудата на себе… Не сум тоа јас… Манастирот е чудотворен и свет, а и тие што доаѓаат добиваат исцеление!”