Членови на озлогласената криминална организација „Пинк Пантер“ стојат зад вооружениот грабеж на златарница во хотел на Халкидики, Грција, што се случи во септември минатата година, а пленот бил накит и часовници во вредност од 580.000 евра, објавува Прототема.
По месеци истрага од страна на искусни полицајци од Одделот за борба против организиран криминал во Северна Грција, идентификувани се двајца српски државјани, на возраст од 48 и 46 години. За нив се издадени европски потерници, врз основа на кои се уапсени во Бугарија и во Хрватска.
Тие се членови на криминална организација која делува во рамките на балканските меѓународни криминални групи и организации, познати како „Пинк Пантер“. Оваа банда е специјализирана за грабежи во златарници, со висок степен на организација, прилагодливост и постојано еволуирачки методи на работа. Нејзините членови имаат слабост кон накит со висока вредност и луксузни часовници од познати златарници низ Европа.
Вооружениот грабеж на златарница на Халкидики се случил на 2 септември околу пладне. Двајцата сторители, откако го украле пленот, исчезнале за само неколку минути, што покажува дека акцијата била внимателно испланирана, како при пристапот, така и при бегството.
Истрагата на грчката полиција, спроведена во соработка со странски полициски власти и Европол, потврди дека четворица членови на бандата престојувале на територијата на Грција од 20 август до 2 септември 2025 година, со единствена цел да ограбат златарница.


