Блокадите во Грција „удрија“ по македонските бутици – колкави се штетите?

0
66

Сопствениците на бутици во земјава изминатиов период се соочија со проблеми затоа што нарачаната гардероба им доцнеше поради блокадите во Грција, со што претрпеа штети. Се жалат дека тоа е една од причините поради кои им падна потрошувачката во декември. Се надеваат дека земјоделците во Грција брзо ќе издејствуваат решавање на своите проблеми и дека блокадите ќе запрат.
„Доцнeше робата поради блокадите во Грција. Се работи за роба од Турција. На Евзони имаше блокади, сите бутици претрпеа штета. Некои мислам дека не добија роба од тоа што порачале. Јас ја добив во последните два дена пред Нова година кога добар дел од потрошувачите веќе се снашле, си купиле облека. Грците соопштија дека ќе блокираат, но ќе отворат сега колку луѓето да се приберат за празниците. Во јануари ние многу не набавуваме облека, но тоа ги засега другите што работат со храна, технички артикли. Се надеваме дека до февруари, март состојбата ќе се стабилизира. Сега не правиме порачки, затоа што ќе „заглавиме“. Последните 2-3 години колку што се сеќавам не нѐ затекнал проблем од ваков тип. Им објаснуваме на муштериите какви се условите. Зависи од големината на објектот, ако е поголем бутикот, има поголеми штети поради доцнењето на робата. Ние сигурно имаме 1.000 евра штета. Помалите бутици веројатно имаат помала штета, но тоа секако е проблем за нив“, велат од бутик од Велес.
Грчките земјоделци решија привремено да ги прекинат блокадите до петок, со цел да им овозможат полесно патување на граѓаните.
„Доцнењето сигурно траеше три недели, зборувам за роба од Турција. Нормално дека трпиме штети. Робата нас ни стигна неколку дена пред Нова година. Предновогодишните забави беа почнати. Тие почнаа на 15 декември, а робата ми стигна на 25 декември. Досега вака не било. Катастрофа е и поради блокадите во Грција, но и прометот е мал. Споредено со претходните години, за 50 или 80 отсто има намалување на прометот. Тоа е поради збир на фактори, не е само поради блокадите. И допрва во 2026 година ќе има затворања. Земаме секаква роба од Турција, и спортска облека и свечена. Со блокадите на Грците не знам како ќе биде, но ако продолжат и во 2026 година ќе биде тешко. Да се надеваме дека брзо ќе си го решат проблемот. Ние сме погранично место, нема фреквенција на луѓе. Немаме муштерии Грци сега. Не доаѓаат и поради блокадите и поради тоа што цените кај нас веќе им се високи. Локалните бизниси веќе не им се прифатливи со цените. Зборувам и за маркети, и за ресторани. Секој оди каде е поевтино“, додаваат од бутик од Гевгелија.
Поединци имале среќа и гардеробата ја добиле додека имало прекини на блокадите.
„Имавме малку доцнење, ама стигна. Ние го погодивме моментот, таман кога се тргнаа блокадите, гардеробата стигна“, велат од струмички бутик.Земјоделците во Грција најавуваат дека тракторите ќе останат распоредени долж патиштата низ земјата, додека по празниците ќе одлучат како ќе продолжат со активностите.

Одлуката на земјоделските синдикати да ги повлечат тракторите од коловозните ленти на клучните гранични премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) претставува тактички потег за зачувување на јавната поддршка.

Во недела напладне, кај патарината Малгара во близина на Солун, е закажан голем состанок на претставници од сите блокади во Грција, на кој ќе се крои понатамошната стратегија.
Протестите на земјоделците кај јужниот сосед траат веќе еден месец. Тие почнаа на 30 ноември лани, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а главното барање е исплатата на заостанатите субвенции, објави фактор.мк.