Турција :Судир со Исламската држава на северозападот убиени тројца полицајци и шест члена на ИСИС

0
86

Тројца турски полицајци беа убиени, а девет други ранети во размена на оган со членови на терористичката група Исламска држава за време на антитерористичка операција во покраината Јалова, соопштија властите.Судирот се случил околу 3 часот наутро по локално време, кога полицијата извршила рација во куќа во селото Елмалик, на околу девет километри од центарот на Јалова на северозападниот дел од земјата. Се претпоставувало дека членови на Исламска држава престојуваат во куќата.
Осомничените отвориле оган кога полицијата се приближила. Според достапните информации, шест членови на Исламска држава биле убиени во судирот. На ранетите полицајци им била укажана медицинска помош во Болницата за обука и истражување во Јалова.
Специјалните сили од соседната провинција Бурса исто така беа вклучени во операцијата, а безбедноста околу местото на настанот беше дополнително засилена. Наставата беше прекината во пет блиски училишта, а патиштата што водат до куќата беа затворени.

Турскиот регулатор за електронски медиуми воведе привремена забрана за известување за инцидентот, со упатства за објавување само официјални информации. Операцијата доаѓа во време кога турските власти ги засилија антитерористичките напори пред новогодишните прослави, по предупредувањата од разузнавањето за можни напади од страна на Исламската држава.