Спиралната бактерија Helicobacter pylori ја колонизира слузницата на желудникот. Додека кај некои луѓе не предизвикува никакви симптоми, кај други може да создаде сериозни проблеми, особено при ослабен имунитет или намалена желудочна киселост.
Оваа бактерија е една од главните причини за појава на гастритис, а во потешки случаи може да доведе и до чир на желудникот или дванаесетпалачното црево. Иако Helicobacter pylori може да биде природен жител на организмот, кога ќе се наруши рамнотежата, започнува да предизвикува воспаление и непријатности. Затоа, покрај терапијата, важна улога имаат и исхраната и животниот стил.
Симптоми на Helicobacter pylori
Најчести симптоми се подригнување, надуеност, мачнина, киселини, непријатност или болка во горниот дел од стомакот, намален апетит и губење на телесна тежина. Гастритисот што го предизвикува оваа бактерија најчесто е хроничен и релативно чест кај населението.
Бактеријата може да се пренесе преку контакт со измет, повраќан материјал или преку уста, па затоа одржувањето добра хигиена е од големо значење.
Храна што треба да се избегнува
Кај Helicobacter pylori и хроничен гастритис се препорачува избегнување на намирници кои го стимулираат лачењето на желудочната киселина и ја иритираат слузницата, како што се:
зачинета храна и лути зачини
пржена и мрсна храна
пијалаци со кофеин
кисела храна и пијалаци
алкохол
брза и високо преработена храна
Лутите зачини, како чили, бибер и кари, можат дополнително да ја иритираат слузницата на желудникот. Пржената и мрсна храна ја забавува дигестијата и го зголемува ризикот од рефлукс и други тегоби. Подобри начини на подготовка се варење, динстање, печење и приготвување на пареа.
Кафе, алкохол и кисела храна
Кафето го поттикнува лачењето на желудочна киселина, особено ако се пие на празен желудник. Затоа, кај лица со Helicobacter pylori се препорачува негово ограничување, како и избегнување на енергетски и газирани пијалаци.
Киселите намирници, како лимон, домати и лимонада, можат дополнително да ја надразнат воспалената слузница. Алкохолот, пак, ја оштетува заштитната бариера на желудникот и значително ги влошува симптомите.
Што е пожелно да се консумира?
Се препорачува зголемен внес на непреработена и целосна храна – овошје и зеленчук, интегрални житарки, немасно месо и риба, како и пробиотици. Од корист можат да бидат и благи чаеви, како чајот од камилица.
На крај, важно е да се напомене дека реакцијата на организмот е индивидуална. Затоа, секој треба да следи кои намирници му одговараат, а кои ги влошуваат симптомите. Овие препораки се добар почеток за подобра контрола на состојбата и подобрување на квалитетот на животот.


