Новото научно истражување укажува на загрижувачка поврзаност меѓу функцијата на бубрезите и здравјето на мозокот. Според студија објавена во списанието Neurology, лицата со намалена функција на бубрезите имаат зголемени нивоа на одредени биомаркери во крвта кои се поврзуваат со Алцхајмеровата болест.
Истражувањето, спроведено од тим научници од Институтот Каролинска во Стокхолм, опфатило речиси 2.300 лица со просечна возраст од 72 години, кои на почетокот немале деменција. Во период од околу осум години, кај дел од испитаниците била дијагностицирана деменција, при што било утврдено дека кај лицата со послабa бубрежна функција почесто се регистрираат покачени нивоа на протеини како tau, NfL и GFAP – биомаркери поврзани со оштетување на мозочните клетки.
Иако не е пронајдена директна врска меѓу лошата функција на бубрезите и вкупниот ризик од деменција, резултатите покажуваат дека кај лицата со оштетени бубрези и високи нивоа на NfL протеинот, ризикот од развој на деменција е речиси двојно поголем. Ова укажува дека деменцијата кај овие лица може да се појави порано.
Научниците посочуваат дека бубрезите играат важна улога во отстранувањето на токсичните материи од организмот, а нивното задржување може негативно да влијае врз мозокот. Затоа, лекарите се советуваат да ја земат предвид состојбата на бубрезите при толкувањето на крвните тестови поврзани со Алцхајмеровата болест.
Истражувањето нагласува дека грижата за бубрежното здравје може да има значајна улога и во зачувувањето на когнитивните функции, особено кај повозрасната популација.


