Силниот снег и бура парализираа голем дел од Хрватска, особено во Лика, Горски Котар и во централните и северозападните региони, соопшти Хрватскиот автомобилски клуб (ХАК). Поради зимските услови воведени се забрани за сообраќај на бројни патишта, а затворени се и делови од автопатите А6, како и државните патишта DC1 и DC3.
Сообраќајот е забранет за камиони со приколки и за возила без зимска опрема, додека по должината на Јадранот дува силна бура, особено во подрачјата околу Велебит и Риека. Постојат ризици од замрзнување на мостовите и вијадуктите, како и од одрони на Јадранската магистрала.
Нема слободен правец за камиони од внатрешноста кон Риека и Истра, додека автопатот А1 е прооден до Далмација. Поради лошите временски услови, откажани се и повеќе фериботски, бродски и катамарански линии кон островите Раб, Цреш, Хвар, Корчула, Мљет и Дубровник.


