Џиновска секвоја што расте на имот на „Нешнал траст“ официјално е прогласена за највисоко живо божиќно дрво во светот. Дрвото е високо импресивни 44,7 метри. Засадено е уште во 1860-тите години. Овој уникатен потфат го забележал и тимот на Гиис, пишува „Би-би-си“.
За да биде земена во предвид за рекордот, секвојата морала да има два вида украси. Поради тоа, дрвото било украсено со повеќе од 1.300 божиќни светилки и две огромни виолетови машни, соопштија од „Нешнал траст“ . Портпаролот открил дека за украсувањето била потребна работна платформа, а на тројца луѓе им биле потребни два дена за да ги постават сите светилки.
Судијата на Гинисовите светски рекорди, Карл Савил, изјави: „Беше привилегија на ова дрво да му се додели признанието што го заслужува.“ Имотот и минатата година го имал највисокото живо божиќно дрво во Обединетото Кралство. „Постојано се прашувавме дали можеме да направиме уште еден џиновски чекор и да обезбедиме Гинисов светски рекорд… и успеавме“, изјави Стив Хауард.
Станува збор за сосема нов рекорд во категоријата највисоко живо божиќно дрво. Рекордот за највисоко некогаш поставено божиќно дрво и понатаму му припаѓа на дрвото поставено во 1950 година во трговскиот центар „Нортгејт“ во Сиетл, САД. Тоа дрво не било вкоренето во земјата и било високо 64,6 метри.


