Катастрофална состојба со откупот на оризот – реагира Националната земјоделска мрежа

0
92

Националната земјоделска мрежа алармира за катастрофалната состојба со откупот на оризот од реколтата 2025 година, особено во Кочанскиот регион.
На координативен состанок одржан на 16.12.2025 година во Чешиново, со присуство на оризопроизводители – членови на мрежата, беше посочено дека поради задоцнетиот почеток на наводнувачката сезона, жетвата доцнела, биле пробиени оптималните рокови за сеидба, што резултирало со сериозни штети врз квалитетот и приносот на оризот.
Откупот од овогодишната реколта, како што беше истакнато, е речиси непостоечки, а малите количини што се откупени се по мизерни цени од 18 до 23 денари за килограм оризова арпа, без јасен рок на исплата и далеку под производната цена.
Во моментов се спроведува откуп за стокови резерви по цена од 37 денари за килограм, со одбиток од 10% и минимален рандаман од 40%.
Поради ваквата состојба, Националната земјоделска мрежа изразува најостра осуда за однесувањето на откупувачите и апелира до надлежните институции – Министерството за земјоделие, Земјоделскиот инспекторат и Агенцијата за стокови резерви – итно да се вклучат во решавање на проблемот, имајќи предвид дека оризот е стратешка и заштитена култура.
На состанок одржан на 17.12.2025 година, со присуство на ресорниот министер и директорите на надлежните институции, беа побарани:
итно утврдување и јавно објавување на производна цена за оризовата арпа за 2025 година,
минимална откупна цена од 35 денари за ситните и 40 денари за крупните сорти.

Од Националната земјоделска мрежа предупредуваат дека доколку не се понудат економски одржливи решенија, ќе ги искористат сите легални и демократски средства за заштита на егзистенцијата на оризопроизводителите, стои во нивното соопштение објавено на Зелена Берза.