Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, одржа работна средба со претставници на Центарот за обука на пожарникари „Пегаз еду“ од Битола, ТППЕ – Кочани и ДПД – Кочани, на која беше разгледана иницијативата дел од кругот на противпожарната единица да се адаптира во тренинг-центар за обука на пожарникари.
Општина Кочани изрази подготвеност да обезбеди услови за практична и теоретска настава, а во наредниот период се очекува потпишување меморандум за соработка. Обуките се планирани да започнат напролет, со што Кочани ќе стане регионален центар за едукација на пожарникари од целата држава.


