Стабилното, суво и натпросечно топло време полека завршува. Од вторник, 23 декември, Македонија ќе биде под влијание на циклонска активност од Медитеранот, проследена со продор на поладен воздух од север, што ќе донесе значителна промена на временската состојба.
Во поголем дел од земјата се очекуваат повремени врнежи од дожд, кои на места може да бидат пообилни. На планините и на скијачките центри, над 1300–1400 метри надморска височина, врнежите ќе преминат во снег, при што се очекува и формирање на снежна покривка.
Времето ќе биде претежно облачно, со слаб до умерен јужен и југоисточен ветер, кој повремено ќе засилува.
Дневните температури ќе се движат од 5 до 12 степени, додека утринските ќе се спуштаат меѓу -1 и 8 степени. Иако снег во градовите засега не е сигурен, најавеното заладување и врнежите отвораат можност за побела слика на планините во пресрет на Новата година.


