На Институтот за кардиоваскуларни заболувања „Дедиње“ во Белград вчера првпат на Балканот беше изведена роботски асистирана операција на срце, јавува Танјуг.
Досега ваков тип интервенции биле изведувани само во Италија и Полска.
Операцијата е реализирана со примена на робот од брендот „Микропорт Медбот“ (Microport Medbot), од кинеско производство, кој веќе е во клиничка употреба во речиси сите земји во светот.
Интервенцијата ја изведоа кардиохирурзите од Институтот „Дедиње“, Мирослав Миличиќ и Богдан Окиљевиќ, под стручен надзор и менторство на професорот Пјотр Сувалски од Националниот институт за медицина при Министерството за внатрешни работи и администрација на Полска.
Професорот Сувалски има најголем број изведени роботски асистирани кардиохируршки процедури во Европа и ќе биде клучен стручен консултант на Институтот „Дедиње“ во процесот на целосен развој и имплементација на роботски асистираната хирургија во наредниот период.


