Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуноски, оствари работна средба со оризопроизводителите во општина Чешиново-Облешево, на која беа отворени прашањата поврзани со актуелните предизвици во производството и можностите за негово унапредување.
На средбата, земјоделците ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат, меѓу кои трошоците за производство, обезбедувањето вода за наводнување, пласманот на оризот и потребата од дополнителна поддршка од институциите. Министерот Трипуноски потенцираше дека Министерството останува отворено за директен дијалог со производителите и за креирање мерки кои ќе одговорат на реалните потреби на терен.
Беа разгледани и можностите за подобрување на производството преку модернизација, користење на современи агротехнички мерки, како и преку финансиска поддршка и искористување на достапните програми и субвенции.
Министерот најави дека во наредниот период ќе продолжат средбите со земјоделците, со цел заеднички да се изнајдат одржливи решенија кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста и стабилноста на оризопроизводството во регионот.


