Заврши конкурсот за ДИК: 15 кандидати за претседател, потпретседател и членови

0
105

Заврши конкурсот за избор на претседател, потпретседател и пет члена на Државната изборна комисија (ДИК), на кој се пријавиле вкупно 15 кандидати.
Според информациите објавени од ТВ 24, дел од кандидатите конкурирале исклучиво за функцијата претседател, додека останатите поднеле пријави и за членови на Комисијата, а еден кандидат и за потпретседател.
Поранешниот министер за правда и вицепремиер за европски интеграции, Бојан Маричиќ, е меѓу пријавените и конкурира за претседател или член на ДИК. За функцијата претседател пријавена е и Даниела Маркоска, дипломиран правник од Скопје.
Марија Митановска Димовска, вработена во Министерството за правда, како и поранешната заменичка министерка за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, поднеле пријави за повеќе функции во Комисијата. Актуелниот претседател на ДИК, Борис Кондарко, се пријавил исклучиво за член.

За функциите претседател, потпретседател и член пријава поднел и Фезу Џафери, дипломиран правник од гостиварското село Чајле.

Според целосниот список на пријавени кандидати, на конкурсот аплицирале:

– Бојан Маричиќ – претседател или член
– Александар Даштевски – член
– Ангелчо Ристов – член
– Викторија Аврамовска Мадиќ – претседател или член
– Фезу Џафери – претседател, потпретседател и член
– Светлана Карапетрова – член
– Борис Кондарко – член
– Марија Митановска Димовска – член
– Дитмире Шеху – член
– Даниела Маркоска – претседател
– Елита Шуки – член
– Добре Јанчев – претседател или член
– Бети Ѓорѓиеска – член
– Ивана Костадиноска – член
– Благоја Гешоски – член

По завршувањето на конкурсната постапка, следува селекција и разгледување на пријавите од страна на надлежните собраниски тела, по што ќе биде предложен новиот состав на Државната изборна комисија, објави телевизија 24.