Утре се одбележува празникот на Св. Маченичка Варвара, еден од значајните зимски празници во народната традиција. Според верувањето, токму на овој ден денот почнува да се „вари“, односно постепено да се зголемува, иако тоа сè уште не е видливо со голо око.
Во македонската народна традиција, празникот е поврзан со варење пченка, обичај што симболично го претставува зголемувањето на денот, плодноста и надежта за нов почеток. Варената пченка се дели со најблиските и со соседите, како желба за здравје, бериќет и заштита од болести.
Која била Света Варвара?
Света Варвара живеела во III век во Никомидија (денешна Мала Азија). Таа била ќерка на богат и строг паганин по име Диоскор, кој ја чувал затворена во кула поради нејзината убавина. И покрај тоа, Варвара тајно се запознала со христијанската вера и се крстила.


