Крај на една ера: „Фолксваген“ ја гаси фабриката во Дрезден

0
95

Денес „Фолксваген“ треба да го прекине производството во фабриката во Дрезден, што претставува преседан во 88-годишната историја на компанијата и прв случај на затворање на производствен погон на домашниот пазар.
Извршниот директор на „Фолксваген“, Томас Шефер, изјави дека одлуката не била донесена лесно, но дека била неизбежна од економска гледна точка. Фабриката во Дрезден е отворена во 2002 година и досега има произведено околу 200.000 возила, што е помалку од половина од годишното производство на главната фабрика во Волфсбург.
На почетокот, луксузната лимузина „Фолксваген Фаетон“ се склопуваше во овој објект, додека по 2016 година производството беше фокусирано на електрични возила. Затворањето на фабриката дојде во време на зголемен финансиски притисок врз компанијата , предизвикан од слабата побарувачка на клучните пазари во Кина и Европа, како и високите царини на американскиот пазар. Фолксваген објави нето загуба од една милијарда евра на крајот од третиот квартал од 2025 година, што е прва квартална загуба за пет години, пренесува Бизнискурир.