Во Штип скандалозно се уништуваат новогодишните реквизити и урбана опрема. Градоначалникот Јорданов апелира хулиганите да застанат а полицијата да превземе мерки

0
76

Хулиганството во Штип во последните денови доживува експанзија бидејќи скандалозно и масовно се уништуваат новогодишните реквизити и урбана опрема. Реакција на ова стигнува и од градоначалникот Иван Јорданов кој на својот ФБ профил им се обрати на добронамерните граѓани, хулиганите и полицијата.

„Почитувани сограѓани,
во изминатите денови сведоци сме на слики кои никој од нас не сака да ги види: исечени новогодишни сијалици, уништени садници и оштетена урбана опрема во централното градско подрачје. Овие девијантни однесувања не се само вандализам, туку директен удар врз заедничкото добро, врз трудот и вложувањето на Општина Штип и врз сликата на нашиот град.
Како градоначалник, остро реагирам и упатувам апел до СВР Штип за преземање соодветни мерки и санкции кон сите кои свесно го нарушуваат јавниот ред и имот. Таквото однесување не само што ја загрозува безбедноста, туку ја понижува заедницата која секојдневно се труди да гради поубав и поуреден Штип.
Во исто време, упатувам и искрена молба до сите граѓани: нашиот град може да биде онаков каков што го посакуваме само ако секој од нас покаже свест, грижа и одговорност. Само заеднички можеме да го сочуваме јавниот простор, да ги заштитиме инвестициите и да создадеме средина во која сите се чувствуваме горди да живееме.
Да бидеме внимателни, да реагираме кога ќе видиме уништување и да покажеме дека Штип знае да се грижи за она што е заедничко. Нашиот град е наш дом и наша должност е да го чуваме!“