Владите ширум светот трошат стотици милијарди долари за затворски системи, додека зад решетките цвета паралелна економија од која профитираат приватни компании, криминални банди и самите затвореници.
Само САД годишно трошат над 80 милијарди долари за затвори. Приватните оператори управуваат со дел од системот и заработуваат од изградба на објекти, храна, здравство и телекомуникации – чии цени се често енормно надуени. Телефонски разговори, на пример, може да чинат до 16 долари за 15 минути. Приватизацијата во Бразил, Индија или Мексико често води до пренатрупаност и насилство.
Криминалните банди се моќен фактор во многу затвори. Во Бразил, ПКК продава дрога и телефони по огромни цени и контролира цели објекти. Во Ел Салвадор, МС-13 раководи со рекет од зад решетките. Во Индија и САД, бандите контролираат трговија, перење пари и нарачани убиства.
Паралелно, постои и „подземна економија“ меѓу затворениците: инстант-нудлите служат како валута, заемите се со екстремни камати, а долгот често носи насилни последици. Многумина заработуваат со трговија, пренос на дрога или работа за банди. Семејствата, пак, плаќаат милијарди за телефонски разговори, намирници и судски трошоци.
Затворскиот труд е евтин – во САД затворениците заработуваат 1–4 долари дневно, во Индија и помалку, додека Бразил пропишува околу 10 долари на ден.
Иако приватните компании понекогаш постигнуваат подобри резултати во рехабилитацијата, експертите предупредуваат дека нивниот мотив за профит бара строг надзор. Во меѓувреме, пренатрупаноста, корупцијата и бандите остануваат глобален проблем, пренесува Дојче Веле.мк.


