Грчките земјоделци, кои веќе една седмица нивните трактори ги имаат паркирано на различни локации во земјата, од денеска ги интензивираат нивните активности со дополнителни блокади. Блокадите во моментов се распространети на 20 различни локации и тоа на граничните премини, на главните автопати, на патарини и делници. Блокадата на Евзони поставена од земјоделците од областа Пеонија и градот Јаница со учество на над 300 трактори активна е од минатиот понеделник, а граничниот премин периодично се затвора на неколку часа по 12 часот по локално време и во попладневните часови по 18 часот. Се очекува оваа пракса да продолжи и неделава, иако одлуките, земјоделците ги носат на дневна база, по состаноци на надлежните комисии.


