По спроведување на одлуката на Уставен суд, УЈП во наредните неколку години на 156 фирми треба да врати над 3 милијарди денари по основ солидарен данок, кои фирмите го исплатиле во 2023 година.
„Предлог законот предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка. Обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари (10 милиони евра –н.з)“, се наведува во законот.
Но, на 05 февруари годинава Уставниот суд со одлука го укина овој закон
“Уставниот суд оцени дека оспорениот Закон не ја гарантира правната сигурност на субјектите кои се опфатени со него. Со впуштање во уредување односи коишто претходно веќе биле уредени и завршени, Судот утврди дека се создава правна несигурност за даночните обврзници и нивните легитимни очекувања, а со тоа и повреда на владеењето на правото и на уставно загарантираното право на сопственост кое е неприкосновено. Правата што произлегуваат од него никој никому не може да ги одземе или ограничи”, стои во одлуката на Уставниот суд.


