Како до здрави навики: Практичен водич на лекарите за подобрување на општото здравје

0
92

Балансираната исхрана, безбедното и ефективно вежбање, управувањето со стресот, редовната контрола на крвниот притисок и шеќерот, како и стратегии за откажување од пушење се дел од клучните препораки на лекарите за избегнување на нездравите навики и подобрување на општото здравје.
Практични совети за тоа како граѓаните може да го зачуваат и унапредат своето физичко и ментално здравје се опфатени во водичот „Како до здрави навики“, подготвен и издаден од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС). Покрај македонската верзија, водичот сега е достапен и на албански и англиски јазик со цел да допре до поширока публика и да ги пренесе најновите сознанија темелени на практиката на лекарите и светските медицински стандарди.
Водичот е дел од проектот „Стоп за лоши навики“ на ЗЛС, чија мисија е да ја зголеми свеста кај граѓаните за важноста на примарната превенција и да ги поттикне кон промена на животните навики – индивидуално и на општествено ниво.
Поради големиот интерес, „Како до здрави навики“ овој викенд ќе биде претставен и на Меѓународниот симпозиум на млади лекари, што ќе се одржи на 5 и 6 декември во Скопје. На настанот ќе учествуваат над 150 лекари од земјава и гости од странство кои ќе споделат актуелни знаења, искуства и техники од различни медицински области, вклучително и теми поврзани со најчестите незаразни болести што го засегаат населението.
Авторите на водичот предупредуваат дека најголемите здравствени ризици денес произлегуваат од зголемената појава на дебелина кај младите, намалената физичка активност, како и злоупотребата на алкохол и пушењето.
„Водичот содржи едноставни, практични и лесно применливи совети. Малите промени во секојдневието можат значајно да го подобрат здравјето и да превенираат бројни заболувања,“ вели д-р Никола Манев, еден од коаторите. Тој додава дека препораките се резултат на долгогодишна практика, искуства од колеги и научно докажани принципи на глобално ниво.
Водичот го изработија специјалисти и специјализанти од ЗЛС: асс. д-р Никола Манев, д-р Александра Георгиева, д-р Симона Сапунџија, д-р Наташа Петровска и фитнес тренерот Марио Јовановски, пренесува emagazin.mk.