За бактерија во мусака 900 евра казна. 2.500 евра казна за операторот со храна кој ја снабдувал кујната на ОУ “Димо Хаџи Димов”

0
59

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) му изрече казна од над 2.500 евра на операторот со храна кој ја снабдува кујната во основното училиште „Димо Хаџи Димов“, по случајот со масовното труење на учениците. Новите лабораториски анализи открија дека, покрај ентеробактер во мусаката, во намаз во друго училиште во Карпош била пронајдена и бактеријата ешерихија коли.
За утврдената бактерија во мусаката, операторот доби казна од 900 евра. Дополнителни две казни, исто така по 900 евра, се изречени за пропустите констатирани при вонредниот инспекциски надзор во деветте училишта во кои оваа фирма доставува храна. За неправилностите утврдени во две училишни кујни следува и уште една казна, во вкупен износ од 650 евра.
Минатата недела околу триесет ученици од „Димо Хаџи Димов“ побараа лекарска помош поради симптоми на труење. Инспекторите излегоа на терен и зедоа мостри не само од училишната кујна, туку и од различни површини во училиштето, бидејќи симптоми како стомачни болки, повраќање и дијареја имале и деца кои воопшто не јаделе училишна храна.
Ентеробактер бил пронајден на работни површини, како и на три чешми во училиштето. Директорката Лела Николоска истакна дека училиштето било темелно исчистено согласно пропишаните протоколи, а дополнително вонредно чистење било извршено и за време на викендот.