Со капацитет за скенирање стотици поштенски пратки во минута со помош на вештачка интелигенција, скенер поставен во Царинска испостава Пошта ќе помага во детекција на огнено оружје, дрога и експлозиви. Скенерот за поштенски пратки што беше презентиран на официјален настан е донација од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал во рамки на проектот Хермес 2, чија цел е спречување пролиферација на огнено оружје и експлозиви преку поштенски пратки во земјите од Западен Балкан.
„Скенерот за поштенски пратки е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречување пролиферација на мало и лесно оружје и недозволена трговија со дрога. Годинава во царинската испостава Пошта, каде е поставен скенерот, поминале над 100 илјади пратки, што кажува за значењето што оваа опрема ќе го има врз контролата на поштенските пратки. На овој начин, службите ќе бидат насочени да извршат навремена и прецизна проверка на сомнителните пратки“, истакна Николовски.


